Совети кои треба да им ги упатувате на вашите деца

Децата треба што повеќе да ги истражуваат можностите на интернетот и да уживаат во неговите позитивни аспекти. Секако, нужно е притоа тие да останат претпазливи, да бидат разумни и послушни за советите кои вие им ги упатувате. Покрај совети кои директно можат да повлијаат на нивната безбедност, од не помало значење се и следните неколку кои конкретно се однесуваат на некои, навидум, безопасни активности на интернет, кои сепак може да предизвикаат штета на системот, а со тоа и да допринесат во крадењето на дел од вашите или нивните лични податоци.

1. Посоветувајте ги вашите деца дека не треба да отвораат имејл пораки од непознати испраќачи и особено да не кликаат на линковите и фајловите што се вклучени во нив. Овие може да содржат некој вирус или друг штетник кој откако ќе влезе во системот, може да прави штета и без корисникот да знае што се случува. Дури и пријател може да ви пушти вирус без да знае за тоа.

2. Сличен е случајот со линковите и фајловите кои се разменуваат преку инстант месинџерите (Windows Live Messenger, Yahoo Messenger и сл.) - или се вирус или се крадци на лични податоци.

3. Фајловите што се преземаат од електронските пораки во глобала, како и оние кои потекнуваат од неверодостојни сајтови, задолжително треба да се скенираат пред отворање. Препорачливо е воопшто да не се преземаат фајлови од сомнителни сајтови.

4. Исто така, потсетете ги вашите деца дека многу често интернетот и можностите кои ги нуди електронската пошта се користат од страна на измамниците кои имаат цел да рашират некое верување, да изрекламираат некој производ или буквално да посегнат по вашите пари. Од вакви имејл пораки, единствена заштита претставува рационалноста и здравиот разум.