Муабети на интернет (chat)
 
Мислев дека сум вљубена... 
 
Бев тинејџерка. Сакав да правам се што правеа моите врсници. Тогаш, стекнувањето нови пријателства преку mIRC беше многу популарно. Се чувствував толку посебно кога ми се обрати едно момче кое беше отприлика на мои години. Разговаравме неколку пати. Делуваше толку искрено, што никој не би се посомневал во она што го зборуваше. После неколку средби кои почнавме однапред да ги договараме, ми побара слика. Скоро без размислување си реков: зошто да не. Веднаш побарав низ фотографиите кои ги имав зачувано на мојот компјутер, ја избрав најубавата и му ја пуштив преку сервисот за размена на фајлови кој функционира во склоп на mIRC. За кратко, добив и повратна фотографија. Беше привлечен. Од тој момент почнав без престан да размислувам за него, си легнував со помислата колку е прекрасен и колку сум среќна што нашата комуникација почна да се развива во нешто посебно. Со тек на време, почнавме да се договараме да се сретнеме во живо.

Се договоривме да се сретнеме на автобуската кај „Ким“, на Партизанска.. Кога се симнав од автобусот, ги разгледав присутните лица на автобуската и заклучив дека тој сеуште не е тука. Застанав на страна со намера да почекам. Одеднаш ми пријде едно момче и ми се обрати: „Маја?“. Тоа беше моето име, но момчето не го познавав.. Зачудено реков „да“ и потоа тој ми се претстави. Тоа беше тој, но не изгледаше како на сликата. Ми рече: „Не бев сосема искрен со тебе.. Сликата што ти ја покажав е од еден познат поп пејач од Турција“. Многу се вознемирив и се почувствував предадено. Тој го почувствува тоа и ми рече дека премногу се приврзал за мене и затоа сфатил дека е време да ми го открие неговиот вистински идентитет. Затоа предложил да се најдеме. Не бев привлечена од неговата вистинска надворешност, но што е уште полошо - бев повредена од неговата неискреност. Неговиот изговор беше дека се плашел да не се откажам од него уште пред да го запознам. Затоа го направил тоа што го направил. Бил несигурен, си реков, и му простив. После некое време продолживме повремено да контактираме, чисто пријателски, додека еден ден сосема не престанавме. Пријателство кое се создало на темел на лага едноставно не можеше да продолжи.
  monitor3.1.gif