| Семинар на тема: „Безбедност и приватност на интернет“ во НОВА |
|
Минатиот петок (25.06.2010) во приватното училиште НОВА се одржа семинар на тема „Безбедност и приватност на интернет“, кој го проследија 20-ина учесници од наставниот и педагошкиот кадар. На настанот беше претставник од фондацијата Метаморфозис, а целта беше дискутирање на потенцијалните опасности на интернет, начините за нивно спречување и контролирање, особено во рамките на училиштето.
Четиричасовниот семинар се реализираше во две подолги сесии. Во првата
сесија беа презентирани видовите опасности на интернет и ризиците по
приватноста и безбедноста на децата, како и улогата на наставниците и
родителите во процесот на правилно насочување и советување за
избегнување и справување со овие проблеми.
Вториот дел од семинарот беше резервиран за дискутирање на вистински случки од Македонија и од светот од кои произлегуваат важни поуки за зачувување на личната приватност и безбедност на децата. На крајот беа дадени неколку препораки за корисен софтвер за деца, кој може да се применува и во домот и во училницата, со кој се поттикнува креативност, се утврдуваат знаења и се вежбаат разни вештини. Беа презентирани и неколку програми кои родителите можат да ги користат за мониторинг, филтрирање и ограничување на содржини за деца. Овој семинар треба да му помогне на раководниот кадар во училиштето во подготовка на политики за подигнување на нивото на приватност и безбедност на децата во училиштето додека користат интернет и мобилни уреди. |