Внимавај на твоите дигитални отпечатоци
2.28-vnimavaj-na-tvoite-digitalni-otpechatoci-veb-intro.png Уште само 10 дена до крајот на оваа учебна година. Набрзо ќе можеш да ги фрлиш овогодишните учебници во подрум и да му се посветиш на долгото лето пред тебе. Уживање, дружење, онлајн игри и забава. Но, не го поминувај целото твое слободно време на интернет, гледај повеќе да се дружиш во реалниот живот. Кога пак ќе бидеш онлајн, не заборавај да внимаваш на твоите дигитални отпечатоци. Тие, како и вистинските отпечатоци од твоите прсти, можат да го откријат твојот идентитет.

Објавено во: Колибри, Нова Македонија
Датум на објавување: 01,06.2010, вторник

Сè што правиш додека си поврзан на интернет е јавно, дури и кога си сам во својата детска соба. Секој компјутер кој се поврзува на интернет, добива своја уникатна, т.н. IP адреса, која е слична како адресата на местото во кое живееш. Ако направиш нешто нелегално или некоректно, полицијата може да те лоцира многу едноставно. Но, истото важи и за сите прекршители на законот, па доколку наидеш на несоодветна содржина или пак некој кој те контактира онлајн те вознемирува, чувај ги твоите дигитални отпечатоци како историјата во твојот интернет прелистувач и онаа во MSN Messenger или Skype.

2.28-vnimavaj-na-tvoite-digitalni-otpechatoci-veb.png
Треба да внимаваш и на имињата и псевдонимите кои ги користиш кога поставуваш содржини на твојот блог или кога оставаш коментари на содржини поставени од друг, на пример на видеа на YouTube. Доколку јавно се идентификуваш, а оставиш коментар кој е несоодветен, тоа може да ти направи проблем во иднина, кога ќе треба да се запишеш на факултет или да почнеш да работиш. Она што е видливо за сите, може да биде видено и од оние кои ќе треба да ти овозможат вработување на пример. Затоа, подобро користи псевдоним отколку твоето вистинско име.

(продолжува во следниот број на Колибри)