Сите едукации за децата во основното училиште беа спроведени на 14 мај,
кога се реализираше и едукацијата за наставниците, додека средбата за
родителите се оствари наредниот ден. Учествуваа вкупно 84 деца, 20
наставници и 24 родители.
Едукациите за децата од ОУ „Димитар
Влахов“ се спроведуваа на часовите по информатика, при што две од
групите ги сочинуваа учениците од шесто одделение, а една од седмо.
Се
започнуваше со делење на прашалници и поставување прашања поврзани со
безбедното користење на интернетот. По пополнувањето на прашалниците и
презентирањето на подготвениот материјал имаше оставено простор за
поставување прашања од страна на децата, на кои едукаторите одговараа,
по што пак следеше дебата на тема: „дали да се жртвува приватноста на
децата на сметка на нивната заштита?“ На крајот беше поделен и
едукативниот комплет материјали за безбедно користење на интернет и
правата на децата на интернет.
На средбата за наставниците, покрај
презентирањето на материјалот, се водеше дискусија за можните опасности
на кои можат да наидат децата додека користат интернет и улогата која
наставникот ја има во заштитата од истите. Исто така се донесе одлука
за распишување на конкурси за литературно и ликовно дело на тема „заштита на децата и нивните права од злоупотреби на интернет“.
Презентацијата
за родителите започна со наведување примери на злоупотреба на децата на
интернет, при што некои потекнуваа и од нив самите. Потоа следуваше
стандардната едукативна презентација.
Во ДСМУ„ Јане Сандански“
сите 5 едукации се реализираа на 21 мај. Учествуваа 95 средношколци од
прва, втора и трета година, 25 наставници и 16 родители.
На средбата
за наставниот кадар покрај наставниците, присуствуваа и директорот на
училиштето, заменик-директорот и педагогот. Сите беа во голем дел
запознаени со ризиците кои ги носи интернетот, па времето повеќе беше
искористено за презентирање на начините на кои професорите можат да им
помогнат на децата при заштитата на интернет.
Едукацијата за
тинејџерите се одвиваше слично како онаа за децата од „Димитар Влахов“,
но беше прилагодена на нивната возраст. Со овие групи, едукациите
завршуваа со дебати на темата: „Внимателност или Авантуризам“.
Со
родителите се примени интерактивен пристап, наместо класична
презентација при што дискусијата се одвиваше околу прашањето за
заштитата на нивните деца на интернет од една страна и приватноста на
децата од друга.
Едукациите во двете училишта се спроведоа на македонски јазик.
Првично
беше предвидено едукациите во Штип да се спроведат во основното
училиште „Ванчо Прке“ и во гимназијата „Славчо Стојменски“, но поради
тешкотиите при организирањето, првичниот план беше променет.