| Вистински случки од Македонија: Преземен идентитет на млада новинарка |
|
|
Во денешно време, сите користиме разни начини за комуникација со пријателите, колегите, роднините. Сето тоа е во согласност со времето во кое живееме и можностите кои новите технологии ни ги нудат. Почнувајќи од СМС пораките кои ги разменуваме преку мобилен телефон, имејл пораките кои ги праќаме и примаме преку интернет, па се до програмите за муабетење и сервисите за социјално вмрежување, имаме многу можности да се поврзуваме, комуницираме и останеме во контакт со луѓето кои ги познаваме од реалниот живот. Кога се користат овие благодати на интернетот за приватни цели е едно, но сосема друго е кога тие се користат и во професионалната комуникација. Следнава приказна се однесува на една млада новинарка од Македонија чиј профил на Фејсбук бил пробиен и злоупотребен, како и нејзината имејл адреса, што пак имало последици врз нејзината работа.
Младата девојка, која работи во една македонска телевизија имала свој
Фејсбук профил преку кој била поврзана со некои луѓе со кои и
професионално сработувала, и секако имејл адреса преку која директно
стапувала во контакт со видни луѓе од нашата земја. Еден ден забележала
дека нејзиниот профил е пробиен. Од нејзиниот профил биле испраќани
пораки во нејзино име, а истото се случувало и со нејзината имејл
адреса. Таа никако не можела да се пријави на својот профил за да го
врати во првобитната состојба, ниту со помош на тајното прашање кое се
среќава на многу сервиси и служи да го идентификува корисникот во
случај тој да ги заборави податоците за пријавување, ниту пак со
алтернативната (дополнителна) имејл адреса која при регистрацијата се
остава за истата цел.
Нејзината реакција во врска со нејзиниот променет профил била ваква: таа го пријавила случајот до Дирекцијата за заштита на личните податоци, но во меѓувреме веднаш отворила нов профил со нова фотографија и истото име и презиме. Ова предизвикало мала забуна, бидејќи кога требало да се отстрани профилот, не било јасно кој е пробиениот, а кој новиот профил кој треба да остане активен. Ова сепак се решило во текот на еден ден, но важно е да знаеш дека доколку доживееш нешто вакво, треба јасно да ставиш до знаење дека новиот профил е нов, за да не дојде до забуна од страна на сервисот во моментот кога ќе се преземе постапката за бришење, што во други случаи може да предизвика одолговлекување.
Ако си доживеал слична непријатна ситуација, или нешто вакво ти се
случи во иднина, пријави го случајот до дирекцијата со испраќање на
имејл до
Оваа адреса на е-пошта е зашититена од спем-ботови, потребно е да го вклучите Javascript-от за да ја погледнете
Нивниот веб-сајт, каде покрај податоците за
контакт, ќе најдеш и многу корисни упатства и мерки за зачувување на
приватноста е dzlp.mk. Доколку пак сè уште си во основно училиште, не
треба да отвораш профил на ваквите мрежи, посебно не без согласност од
твоите родители.
Што се однесува до имејл сервисот, мора да предупредиме дека Хотмејл и МСН повеќе нема да постапуваат по барања од ваков тип, така што треба да бидеш особено внимателен со твоите податоци за пристап до нив, каде ги оставаш, кому ги кажуваш и како ги креираш. Запомни, лозинките треба да се цврсти, значи да се состојат од комбинации од букви и бројки, да не содржат поими кои секој може лесно да ги погоди, како и да не се кажуваат на никој и повремено да се менуваат. |
| < Претходно | Следно > |
|---|







