| Самоиницијативни едукации за безбедно користење на интернет во ОУ „Блаже Конески“ во Велес |
|
|
По завршувањето на проектот „Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет“, во основното училиште „Блаже Конески“ во Велес, се одржаа серија едукации за безбедно користење на интернет. Овие едукации беа организирани и спроведени од страна на самото училиште, а иницијативата потекна од двајцата наставници: Маја Ржарова и Илчо Ценев кои присуствуваа на заедничката обука за родители која се одржа во општинската сала во Велес.
Училиштето „Блаже Конески“ не беше опфатено со едукации во рамките на проектот.
Двајцата наставници кои дојдоа на обуката за родители, ги искористија
презентираните информации и стекнатите знаења за нивно пренесување на
останатиот дел од училишниот кадар во своето училиште, потоа на децата
кои учат таму, како и на дел од нивните родители.
Првата презентација се одржа за членовите на советот на родители, кон
средината на месец декември, минатата година. Презентацијата ја
реализираа двајцата претходно споменати наставници заедно со педагогот
Јованка Димова. Истата ја проследија 16 родители, неколку наставници и
директорот на училиштето. Учесниците на презентацијата добија копиран
едукативен материјал со цел подлабоко да навлезат во темата.
Бидејќи
советот на родители се состои од претставници за учениците од прво до
осмо одделение, тие понатаму ги презентираа овие содржини на идните
родителски средби.
Едукации за безбедно користење на интернет се одржаа и за сите ученици од петто до осмо одделение, при што за дел од нив се користеа презентациите и материјалите развиени во рамките на овој проект, додека за некои одделенија се практикуваше настава со комбинирани содржини и материјали. На секоја од презентациите, беше потенциран веб-сајтот „Безбедно на интернет“, како извор на дополнителни информации за оваа проблематика.
Во рамките на овие активности, спроведени се и мини анкети врз дел од учесниците на едукациите. Од анкетата за родителите, произлезе позитивната оценка од одржаната презентација и нивната подготвеност за делување врз свеста на своите деца со цел разумно користење на можностите на интернет од нивна страна. Анкетата за децата опфати 98 ученика од седмо и осмо одделение. На прашањето: „Сметаш ли дека дел од активностите со кои ти се занимаваш на интернет претставуваат потенцијална опасност за тебе и може да дејствуваат негативно во формирањето на твојата личност“, повеќе од половина одговориле негативно, со образложение дека се свесни што треба, а што не треба да користат на интернет, од кои пак половина, не ја исклучуваат потенцијалната негативна страна од неправилното користење на интернетот. 1/3 од учениците го потврдуваат само негативното влијание на интернет услугите, потенцирајќи ги сите опасности. |
|||||
| < Претходно | Следно > |
|---|










